Работилница: ,,Ропството е забрането, сите човечки суштества се слободни”
Здружението ЗА ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ ,,СЕМПЕР” во 2014 год. со финансиска поддршка Владата на Р. Македонија – Генерален секретаријат го реализира проектот: ,,Ропството е забрането, сите човечки суштества се еднакви “.
Целта на проектот е да се намали ранливоста кај младите за трговија со луѓе, да се подигне свеста за проблемот, да се придонесе во имплементацијата на Националната стратегија за борба против трговија со луѓе, намалување на бројот на жртвите на трговија со луѓе во Р.Македонија, како и да се унапреди соработката помеѓу надлежните институции на локално ниво. Со цел унапредување на соработката на надлежните институции на локално ниво, ,,СЕМПЕР” на 17.03.2014 год. во х.Премиер – Битола организираше и работилница со претставниците од Локалната комисија за борба против трговија со луѓе на тема трудова експлоатација. За оваа тема зборуваше г-ѓа Весна Томовска – трудов инспектор од трудовиот инспекторат од подрачната единица во Битола. На работилницата беа презентирани и податоците во однос на трговијата со луѓе и илегална миграција за изминатата 2012 год. За жал трговијата со луѓе во Р.Македонија во 2013 год. бележи тренд на зголемување на бројот на жртви на трговија со луѓе во однос на 2012 год., при што останува и натаму жртви на трговија со луѓе да се најчесто малолетни лица од женски пол. Во однос на видовите на експлоатација присутна е и трудовата експлоатација, како и комбинацијата на сексуално-трудова експлоатација. Како форми на трговија со луѓе изминатата година се евидентирани и принудните бракови, кои се најкарактеристични за Ромската етничка заедница. На работилницата беше заклучено дека неопходен е посебен ангажман од сите надлежни институции, односно работа со ризичните групи како во однос на подигнување на јавната свест кај оваа група за овој проблем, така и во однос на изнаоѓање на посебни мерки на заштита за намалување на нивната ранливост. Со проектот кој ,,СЕМПЕР” го реализира ќе биде опфатена студентската младина од шест факултети во Битола.